x

Apple годинава ќе претстави нов MacBook Pro и 32 инчен монитор

Категорија: Технологија // Хардвер Објавено на 15 Март, 2019 од GSM.mk

Оваа година компјутерскиот оддел од Apple ќе биде посебно зафатен, бидејќи има во план да претстави нова верзија на популарниот MacBook Pro, како и ултраквалитетен монитор со големина од 32 инчи.

Производната линија на MacBook Pro ќе ја предводи модел со екран со големина помеѓу 16 и 16,5 инчи, што значи дека ќе има најголем екран по моделот од 2012 година, кога тој имаше 17-инчен екран.

Аналитичарот Минг-Чи Куо вели дека покрај основниот модел, Apple би можел да понуди и верзија со 13-инчен екран и внатрешна меморија од 32GB. Досега со овој капацитет на меморија се произведува само 15-инчниот MacBook Pro.

Би било големо изненадување доколку Apple се реши комплетно да го промени постоечкиот дизајн, бидејќи Apple ги пласираше моделите со Touch Bar во 2016 година, повеќе од четири години откако на пазарот се појавија моделите со Retina екрани. Од друга страна, постоечкиот дизајн не се покажа како многу популарен, а Apple поради тоа реши да промени мали делови од тастатурата, па можеби дополнителни измени следуваат со новиот модел.

Куо смета дека верзиите на MacBook Pro кои ќе се појават годинава ќе бидат со компоненти кои ќе биде лесно да се надградат, па затоа овие уреди ќе бидат долготрајни и ќе останат актуелни во наредните неколку години.

Во склоп на овие информации, аналитичарот откри дека Apple подготвува нов монитор со кој компанијата ќе се врати на пазарот на професионални монитори. Се работи за модел со 31,6-инчен екран кој ќе емитува слика во 6К резолуција.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.