x

Дали Escobar смартфоните на преклопување се измама на деценијата?

Категорија: Новости // Телефони Објавено на 11 Февруари, 2020 од GSM.mk

Братот на Пабло Ескобар почна на големо да прима нарачки за втората серија смартфони на преклоп по поволна цена од 399 долари...

Нов модел на смартфон на преклоп по ултраниска цена што доаѓа од производниот погон на братот на Пабло Ескобар? Звучи неверојатно само по себе, а уште повеќе кога ќе ги земете предвид бројните докази кои укажуваат дека станува збор за измама.

Роберто де Хесус Ескобар Гавирија (целосното име на братот на злогласениот наркодилер Пабло Ескобар) почна со продажба на втората серија мобилни на преклоп наречена Escobar Fold 2.

На изглед, уредот е сличен на моделот Samsung Galaxy Fold, но има една  голема предност – се продава по цена од 399 долари, додека за моделот на Samsung треба да издвоите 1.980 долари.

Оваа наизглед примамлива понуда сепак треба да се заобиколи, советува списанието PCMag.

Сомнителни нарачки

Кон крајот на минатата година, Роберто го претстави на пазарот својот прв производ Fold 1 и почна со продажба на телефоните по цена од 349 долари.

За да се создаде дополнителна еуфорија и успешна продажба, компанијата Escobar Inc. Подготви и рекламен спот со скудно облечени манекенки кој доби над 1,6 милиони прегледи на YouTube.

Меѓутоа, повеќето купувачи кои го нарачале уредот онлајн уште чекаат испорака. Мал број од нив наместо телефон добиле книга за плановите на Роберто за идни модели на смартфони, како и памфлет во кој има ветување дека наместо нарачаниот прв модел ќе го добијат новиот, Fold 2, што ќе им биде испорачан во текот на март следната година.

Авторите на YouTube каналот за рецензии на технолошки уреди, LJP Tech, во исчекување на испораката на првиот модел Escobar Fold 1 што го нарачале лани во декември, направија една видеохроника на темата.

Иако досега од продавачот на производот добиле една книга и еден памфлет, сепак веруваат дека не станува збор за измама. Надеж им дава еден мејл од компанијата Escobar Inc. од Колумбија во кој ги известуваат дека се „меѓу избраните купувачи кои наскоро ќе добијат модел од новата серија Fold 2“.

Во нивното последно видео на YouTube, претставник на каналот LJP Tech се обрати со зборовите:

„Уште сум многу возбуден. Најлошото сценарио кое го замислувам е кога ќе ја отворам кутијата внатре да најдам уште една книга. Или што било друго освен нарачаниот мобилен.“

Некои корисници губат надеж

Од друга страна, еден корисник на Reddit сподели свое искуство со спорната нарачка и за PCMag изјави дека уредот Fold 1 го нарачал во почетокот на декември и дека уште го нема добиено.

Како доказ приложи копија од нарачката и копии од преписките со компанијата Escobar Inc. за да му бидат вратени парите бидејќи не му бил доставен нарачаниот производ.

Наместо пари, тој добил ваков одговор од компанијата:

„Слободно дојдете во Колумбија ако сакате. Ве советуваме да биде трпеливи и да почекате уште малку.“

По ова, тој веќе се уверил дека станува збор за измама и во изјавата за PCMag упатува предупредување дека „никој нема да го добие нарачаниот телефон од колумбиската компанија“.

Компанијата Escobar Inc. тврди дека телефони има

Извршниот директор на Escobar Inc. Олоф Густафсон ги отфрла обвинувањата за лажно работење на компанијата.

„Досега имаме продадено повеќе од 50.000 примероци од моделот Fold 1. Првата серија од 30.000 телефони веќе им е испорачана на купувачите, додека останатите 20.000 поради проблеми со складирањето, ќе бидат заменети со примероци од верзијата Fold 2, без дополнителни трошоци за купувачите. За ова купувачите беа известени со пратката во која добија книга и памфлет“, вели тој.

И покрај ваквото тврдење на компанијата, на интернет речиси и не може да се најдат фотографии, снимки или рецензии за уредот од некој кој веќе го користи.

Еден наводен купувач од Лагос, Нигерија тврди дека успеал да добие телефон Fold 1 преку онлајн нарачка од Колумбија. Мустафа Хусеин на YouTube има објавено неколки кратки видеоклипови за телефонот, а за PCMag изјави:

„Мислам дека уредот е добар во однос на цената. Сепак, ми се чини повеќе како кинески производ, како копија на веќе постоечки модел на мобилен телефон.“

Во меѓувреме, направена е нова реклама за Escobar Fold 2 по проверена формула – видеото изобилува со разголени девојки кои парадираат наоколу, зачинето со необично појавување на поранешниот менаџер на претседателската кампања на Доналд Трамп, Кори Левандовски, кој го поддржува производот.


Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.