x

Дали нешто може да го замени Facebook?

Категорија: Занимливости Објавено на 09 Мај, 2018 од GSM.mk

„Дали нешто може да го замени Facebook?“ Ова е прашањето кое го поставува успешниот инвеститор од Силициумската долина, Џејсон Калаканис, кој е еден од раните инвеститори на голем број успешни компании, меѓу кои и Uber.

Каланакис реши богато да ги награди луѓето кои ќе одговорат на неговиот предизвик, кој има за цел да пронајде социјална мрежа која е всушност добра за општеството.

Openbook Challenge ќе им понуди по 100.000 американски долари на седум тимови кои ќе направат социјална мрежа која може да има преку милијарда корисници и која ќе го замени Facebook, без притоа да ја загрозува приватноста на корисниците.

„Сакаме да инвестираме во замена на постоечките социјални мрежи која нема да манипулира со луѓето и ќе ја заштити нашата демократија од лоши личности кои сакаат да шират дезинформации“, пишува на официјалниот вебсајт на предизвикот.

Седумте победнички тимови ќе бидат поканети да присуствуваат во бизнис инкубаторот на Каланакис, каде ќе им биде овозможена обука во времетраење од 12 недели каде ќе научат како да почнат со работа на нивната социјална мрежа и како тоа да го претворат во профитабилен бизнис.

„Сите заедници и социјални мрежи имаат своја ера, од AOL до MySpace, и обично тие не се затворени од владата, туку се заменети со подобри производи, подобри мрежи. Па, ајде да го почнеме процесот на заменување на Facebook“, изјави Џејсон Каланакис.

Тој укажа на две причини поради кои Facebook досега не бил заменет, но вели дека во иднина тоа скоро сигурно ќе се случи.

„Прво, Марк Закерберг е паметен и ја купи целата конкуренција. Кога Instagram и WhatsApp беа на врвот на моќите, Закерберг ги купи и сега тие се дел од семејството на Facebook“, рече тој.

Втората причина, според него, е во тоа што Закерберг знае мудро да ги „украде“ карактеристиките на различни помали социјални мрежи кога тие не сакаат да му ги продадат. Како пример го наведе Snapchat.

Facebook е длабоко инфилтриран во нашето секојдневие, дотаму што при користење на скоро секоја апликација, првата опција која се појавува е Log in with Facebook. На тој начин, Facebook продолжува да доминира со светот на социјалните мрежи.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.