x

Едноставни совети за сигурен дигитален живот

Категорија: Совети Објавено на 21 Април, 2014 од GSM.mk

Сигурноста на интернет, компјутерите и паметните телефони не смее да се земе здраво за готово, бидејќи се повеќе лични податоци се наоѓаат онлајн и не би било воопшто паметно тие да дојдат во погрешните раце.

За да сурфате безбедно на интернет не се потребни експертски познавања на компјутерите туку доволно е да се придржувате до едноставните совети кога бирате лозинки, споделувате податоци или отворате мејлови или сурфате на интернет.

Не оставајте траги

Повеќето корисници при сурфањето на интернет ги повторуваат истите патерни на однесување - користат истри пребарувачи, ги посетуваат истите веб страници и пребаруваат исти термини. Но, за да се избегне можноста за собирање на податоците врз основа на кои ќе се направи историја на вашето однесување на интернет, понекогаш е потребно да користите различни пребарувачи. На тој начин ќе добиете различни резултати од барањето и ќе го отежнете следењето на вашите интернет активности.

Заборавете малку на вашиот омилен пребарувачи и пробајте со некои од алтернативите.

Создадете безбедна лозинка што лесно ќе ја памтите

Наједноставните лозинки лесно се памтат, но исто така и лесно се пробиваат. Колку е лозинката покомплицирана толку е потешко некој да дојде до вашите заштитени податоци.

На пример, една корисна можност е да одберете лозинка инспирирана од омилената песна - составена од првите букви од секој збор во првите два стиха. На тој начин ќе добиете комбинација на букви што не се поврзани и на кои секогаш ќе може да се сетите бидејќи ја знаете песната.

Ако во комбинацијата вметнете и по некоја бројка и редовно, на неколку месеци ја менувате лозинката, ќе ја зголемите сигурноста на податоците.

Заклучувајте ги паметните уреди

Паметните уреди, пред се мобилните телефони, се постојано со нас и имаат многу податоци, кои ако дојдат во погрешни раце може да предизвикаат голема штета на корисниците. Вообичаено во телефонот се чуваат запишани лозинките што не сакате да ги памтите, приватните податоци, како и разни податоци за електронското финансиско работење.

Иако заклучувањето на телефонот со лозинка може да се чини како непотребна работа, бидејќи може само да го забави крадецот, сепак, тоа може да биде доволно време за да се јавите на операторот, да ја пријавите кражбата и да го блокирате телефонот.

Поставувањето на лозинка, пин или некоја гестикулација траат неколку секунди, а може да ве заштитат од неовластено користење и влегување во вашиот уред.

Корисно е да се активира или да се инсталира апликацијата која овозможува бришење на осетливите податоци или заклучување на телефонот на далечина, или пак негово пронаоѓање преку GPS.

Внимавајте компјутерот да е ажуриран

Редовното освежување на оперативниот систем и антивирусот станаа задолжителна обврска за секој корисник. Игнорирањето на таквите додатоци или на новите верзии може да резултира со инфекција не само од вируси, туку и од разни други малвери. Затоа не ги одбегнувајте ги апдејтите и внимавајте вашиот уред секогаш да ги има последните верзии на безбедносниот софтвер.

Отворете посебен и-мејл

Многу страници бараат некаква регистрација за да ви дозволат да отворите некоја од нивните содржини. Ако секој пат ка користите вашата главна и-мејл адреса, многу бргу, инбоксот ќе ви биде преполн со непотребни мејлови, реклами и информативни пораки. За да ја избегнете таквата ситуација, отворете уште една и-мејл адреса која ќе ја користите за регистрирање на такви сајтови.

На тој начин ќе ја сочувате сопствената и-мејл адреса од претерано циркулирање низ интернетот што може да привлече дополнително спамирање.

Ограничете ги оналјн финансиските трансакции

Плаќањето на сметките преку и-банкинг може да биде едноставно и практично, но повлекува и одредени ризици. Ако сте премногу параноични, користете ги традиционалните начини на плаќање.

Но, ако сакате да користите електронски плаќања и да бидете безбедни, проверувајте дали линкот со кој се поврзувате со страницата на банката е „https“, не го откривајте никому својот PIN и не заборавајте дека вашата банка никогаш нема да ви ги побара личните податоци или лозинката за пристап до вашата сметка преку и-мејл порака.

Извор: Kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.