Експлозија на Xiaomi Mi A1 и проблеми со скенерот за отпечатоци кај Xiaomi Mi A2
Категорија: Технологија // Новости Објавено на 08 Октомври, 2018 од GSM.mk
Деновиве, Xiaomi Mi A1 и Xiaomi Mi A2 се постојано во центарот на внимание, но за жал, од негативни причини..

Како мало потсетување, Mi A1 беше претставен пред година дена со 5.5 инчен LCD дисплеј, резолуција од 1080 x 1920 пиксели и 16:9 сооднос, со Snapdragon 625, 4GB RAM и 64GB меморија во внатрешноста.
Деновиве, на официјалната страна на Xiaomi се појави приказна за пријател на авторот, чиј Mi A1 експлодирал додека се полнел. Според неа, сопственикот на телефонот бил разбуден од чуден звук во текот на ноќта, но продолжил да спие. Кога се разбудил следното утро, неговиот A1 уред бил целосно уништен. За среќа, смартфонот се наоѓал во заштитна маска која ја намалила штетата и на уредот и потенцијалната штета на неговиот сопственик.
Во однос на Xiaomi Mi A2, приказните не се толку драматични, но сепак проблематични за сопствениците на телефонот. Станува збор за проблеми со батеријата од 3010mAh во уредот - дел од сопствениците на моделот се жалат дека нејзината моќ исчезнува многу побрзо од што треба. Наводно, проблемот е поврзан со скенерот за отпечатоци. За отклучување, уредот ја користи речиси цела моќ од Snapdragon 660 процесорот, што доведува до брзата "смрт" на батеријата, смалувајќи го screen on времето на три до четири часа. Инаку, уредот има 6 инчен LCD дисплеј, резолуција од 1080 x 2160 пиксели и 18:9 сооднос, додека процесорот е придружен од три верзии - 4GB/6GB RAM и 32GB/64GB/128GB.
Иако дел од Mi A2 корисниците имаат физички докази дека скенерот е причина за краткиот живот на батеријата, Xiaomi изјави дека се "потребни повеќе информации за да се реши проблемот".
Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.