x

ФХ3Х работеше на ефектите на „The Revenant“

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 20 Јануари, 2016 од GSM.mk

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во ефектите на „The Revenant“ („Повратникот“), филм кој ги освои највисоките награди на Златните Глобуси и доби дури 12 номинации за Оскар, меѓу кои за најдобар филм и ефекти...

Филмот „The Revenant“ постигнува восхитувачки успех на доделувањето на Златните глобуси, освојувајќи ги главните награди за најдобар филм, најдобра режија и најдобра машка главна улога. Наговестување за сличен успех се 12 номинации за Оскар, меѓу кои повторно за најдобар филм, најдобра режија, машка главна улога но и меѓу другото за најдобри визуелни ефекти.

Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х, изјави дека тоа е највисоката награда и признание за квалитет во индустријата за продукција на визуелни ефекти.

„Наша најдобра препорака е кога последниот проект на кој сме работеле е од врвен квалитет, а признание за тој квалитет се наградите, номинациите за Оскар и самиот Оскар. На овој филм работеше тим од 60 артисти на околу 50-тина кадри во периодот од мај до јули 2015 година. Според претходните дела на Ињариту, и критиките кои веќе излегуваат за филмот од сите страни, нè очекува мрачна, тешка драма, во која ќе се разгледува прашањето: Кој е дивјакот во дивината? Ви ветувам прекрасен филм“, изјави Даниловски.

Филмот е делумно базиран врз романот „Повратникот: новела за одмаздата“ од 2002 година од Мајкл Панке, кој бил инспириран од вистинскиот Хју Глас. Во 1823 година, Глас потпишал со компанијата за крзно Роки Маунтин за експедиција по горниот тек на реката Мисури која повеќепати го довела во животна опасност од Арикара индијанците, безмилосните гризли мечки во дивината, и пријателите кои ветиле дека ќе го заштитуваат. 

Извор: Kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.