x

Рецензија - Galaxy A8 2018: Најдобар од средна класа?

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 06 Март, 2018 од GSM.mk

Galaxy A8 (2018) е еден од поновите смартфони на Samsung, кој беше претставен во декември минатата година. Со својот 5.6 инчен дисплеј, сличен стакло-метал дизајн и стил, би ви простиле и доколку го помешате со друг премиум смартфон на Samsung, Galaxy S8..

На кратко, уредот доаѓа со 5.6 инчен дисплеј, Exynos 7885, 4GB RAM, 32GB меморија и батерија од 3000mAh. Како што рековме, наместо следбеник на некој од смартфоните во А серијата на Samsung, A8 (2018) повеќе наликува на мини верзија на Galaxy S8. Во листата на сличности спаѓаат високиот, edge-to-edge Super AMOLED Infinity дисплеј, батеријата од 3000mAh и познтатиот Samsung Experience интерфејс. Но, во внатрешноста, A8 е сеуште уред од средната класа, со различен процесор и различни камери.

Иако Galaxy A8 2018 наликува на S8, разликите меѓу нив веднаш може да се забележат доколку ги држите еден до друг. Прво нешто што ќе забележите е дека A8 има подебели странични рамки, кои можеби малку го уништуваат edge-to-edge, футуристичкиот дизајн. Истотака, A8 изгледа значително поголем, иако е минимално поширок и подебел од S8. Она што е значително поразлично е тежината. Galaxy A8 2018 тежи 172 g, додека S8 е  полесен, 152 g. 

Од материјали, A8 е изработен од стакло и метал. Стаклото е Gorilla Glass 5, едно од најновите и најиздржливите стакла во моментот. Можеби се прашувате, дали стаклото на задната страна е добра идеја? Од една страна, изгледа одлично кога е чисто, но од друга, често на него има отпечатоци од користење, кои го уништуваат изгледот. За среќа, најмалку се забележливи на златната верзија од уредот. Едно нешто што треба да внимавате е дека стаклото лесно се крши и добра и издржлива маска е неопходна. Уште нешто што забележавме е дека ова стакло на задната страна не е толку лизгаво како алуминиумските телефони и е полесно за држење.

Една поголема промена со која доаѓа A8 е позицијата на скенерот за отпечатоци. Чудната позиција на скенерот кај S8 беше многу критикувана од корисниците. За среќа, компанијата ги послуша критиките и кај A8 скенерот е поставен под главната камера. На тој начин е многу полесен за користење. На почеток, можеби ќе ви биде малку збунувачки за користење, но лесно ќе се навикнете на него. Неговата брзина е иста како онаа на S8 - не толку брза како кај други телефони, Google Pixel 5 или OnePlus 5/5T, но солидна. 

Samsung Experience е веќе познат интерфејс меѓу корисниците. Но, со Experience 8.5 кај A8 (2018), работите стана подобри. При користење, се забележуваат големи подобрувања од Note 8 и се чини дека A8 е подобро оптимизиран во однос на софтверот. 

Како што рековме, смартфонот доаѓа со Exynos 7885 процесор. Иако е далеку од моќниот Snapdragon 835, процесорот е доволно добар за извршување на секојдневните задачи и апликациите брзо се отвараат, без проблем.

Galaxy A8 (2018) наликува на S8, а чини многу помалку, но дали камерите се еднакво добри?

Краткиот одговор е не. Но, пред да го критикуваме, прво мора да започнеме од спецификациите. A8 доаѓа со 16 мегапикселна главна и две камери на предната страна, од 16 и 8 мегапиксели. Апликацијата за камерата е стандардната, која се наоѓа кај повеќето Samsung уреди. При доволна светлина, разликата во фотографиите меѓу A8 и S8 е речиси незабележлива. Истотака, A8 слика поладни тонови, со бели бои кои се појавуваат чисто, додека S8 фаќа потопли тонови. Се на се, камерите не се разликуваат на дневна светлина. За жал, при пониска светлина, A8 има малку полоши резултати. Кога сме кај селфињата, A8 навистина се истакнува. Двете камери носат голем број нови опции, како што е Live Focus опцијата, која ги замаглува позадините и прави одлични портрети. 

Неколку слики кои ги направивме со Galaxy A8 (2018):


Се на се, Galaxy A8 (2018) е одличен смартфон за оние кои бараат уред од средната класа, со пониска цена од S8, солидни перформанси и одлични камери. 

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.