x

Како Facebook ќе ви ја претскажува иднината?

Категорија: Занимливости Објавено на 28 Јуни, 2018 од GSM.mk

Како дел од мисијата да ги следи животите на сите корисници, Facebook успеа да дојде до начин на кој може да открие кога ќе умрете. За новиот патент се тврди дека може да ги „предвиди“ големите настани во вашиот живот, дури и вашата смрт.

Името на овој патент е Predicting Life Changes, а за него првпат можеше да се прочита во New York Times.

Тој беше опишан како софтвер кој со помош на алгоритам во кој се собрани најважните податоци за корисникот, може да предвиди брачни статуси, родендени, нови работни места, дипломирања и раѓања на деца, па дури и смрт.

„Predicting Life Changes ја пресметува шансата на еден корисник да помине низ некој животен настан користејќи машински модел на учење и историски податоци од други корисници од социјалните мрежи, кои поминале низ промени во животот“, пишува во патентот.

Како што може да се очекува од Facebook, една од главните причини поради која беше направен овој патент е рекламирањето. Знаејќи ги најинтимните детали од животот на корисниците, оваа социјална мрежа ќе може многу подобро да ги таргетира целите на рекламите од нивната платформа.

На пример, ако ваквиот софтвер успее да открие дека некој од корисниците очекува дете, тогаш многу поефикасно ќе му ги сервира рекламите за детска облека, играчки и пелени.

„За да не зависиме само од промената на информациите на корисничкиот профил, овој нов софтвер ќе знае многу подобро да ги користи информациите од ѕидот на корисникот, пораките кои ги праќа, e-mail пораките и слично, за да открие дали корисникот поминува низ некој вид на промена во животот или пак го очекува некаков важен настан во животот“, пишува во патентот.

Ова значи дека приватноста на Facebook ќе биде дополнително намалена, но тоа не значи дека корисниците ќе немаат избор дали да дозволат да се користат нивните податоци.

Од раководството на Facebook неколкупати досега беше најавено дека не треба да се земаат сите нивни патенти здраво за готово, бидејќи тие не секогаш завршуваат како дел од социјалната мрежа. Во поголемиот дел од случаите, велат тие, патентите воопшто не се искористени.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.