x

Маск си е сам најголема конкуренција: Tesla ја гради најголемата батерија во светот

Категорија: Занимливости Објавено на 17 Ноември, 2020 од GSM.mk

Најголемиот систем на батерии во светот, оној што Јужна Австралија го купи од Tesla на крајот на 2017 година, наскоро ќе го изгуби приматот „најголем“.

На прво место на неофицијалната листа ќе го замени нов систем што се планира во државата Викторија, на околу 10 километри југозападно од Мелбурн.

Првиот систем Hornsdale Power Reserve со моќност од 100 мегавати беше изграден во Јужна Австралија, само 60 дена откако Елон Маск преку Twitter вети дека ќе го постави за помалку од 100 дена.

Многу брзо по ставањето во функција на оваа голема батерија, се покажа дека може да напојува 30.000 домаќинства со електрична енергија околу еден час и на тој начин да помогне кога, поради разни природни непогоди, ќе биде прекинато редовното снабдување со електрична енергија во дел од земјата.

До крајот на 2019 година, овој систем веќе донесе заштеда од повеќе од 50 милиони долари, што беше износот на почетната инвестиција во него. Сега овој позитивен пример го следи соседна Викторија.

На почетокот на овој месец, тие ѝ ја доверија на компанијата на Маск работата да изгради уште поголем систем на батерии. Victorian Big Battery Megapack ќе може да ја снабдува електричната мрежа со капацитет од дури 300 мегавати, додека неговиот капацитет ќе биде 450 MWh. Според тоа, тој ќе биде дури трипати поголем од оној во Јужна Австралија (кој во меѓувреме е надграден на 150 MW).

Изградбата ќе започне кон крајот на 2021 година и ќе биде добро поврзан со блиските ветерни електрани и фотоволтаични фарми, а напојувањето и дистрибуцијата по потреба ќе ги активира специјален софтвер.

Инвеститор во овој систем овојпат не се државните органи, туку француската енергетска компанија Neoen, која продава електрична енергија на потрошувачи во оваа област.


Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.