x

Не е само Facebook, илјадници компании ве шпиунираат и манијачат

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 28 Март, 2018 од GSM.mk

Откако се откри скандалот со Cambridge Analytica, медиумите и аналитичарите се фокусираат на тоа што знае Facebook за нас. Очигледно, многу работи.

Социјалната мрежа собира податоци од нашите објави, лајкови, фотографии, работите што ги пишуваме без да ги постираме, што правиме и кога не сме на Facebook , дури и кога воопшто не сме онлајн. Купува податоци за нас од други. И тоа оди подлабоко: нашата сексуална ориентација, политички убедувања, статус на врски, користење дроги и други лични работи, дури и кога не сте го направиле тестот за утврдување на карактерот на Cambridge Analytica.

Меѓутоа, за секоја медиумска објава за „манијачкото следење на Facebook“, има илјадници други компании што колективно здивнаа со олеснување што во фокусот е компанијата на Марк Закерберг, а не нивната. Бидејќи, иако Facebook е главниот играч во овој простор, има илјадници други компании што нѐ шпиунираат и манипулираат за свој профит.

Капитализам на набљудување

Професорката Шошана Зубоф од Економскиот факултет на Харвард, ова го нарекува „капитализам на набљудување“. Без разлика колку „манијачки“ делува Facebook во моментов, целата индустрија е далеку поманијачка. Ова постои веќе доволно долго време во тајност и сега останува на политичарите да ги изнесат овие компании на виделина каде сите ние ќе можеме да одлучиме дали ова е начинот на кој сакаме да функционира општеството, и ако не, што да направиме во врска со тоа.

Само во САД има 2.500 до 4.000 брокери со податоци чија дејност се состои од купување и продавање на нашите лични податоци. Лани голема вест беше Equifax откако хакери украдоа лични информации за 150 милиони луѓе, вклучувајќи матични броеви, датуми на раѓање, адреси и броеви на возачки дозволи. Корисниците сигурно не им дале за право на Equifax да ги зачуваат тие податоци, а повеќето луѓе не се сомневаат дека некој потоа може да тргува со овие информации.

„Капитализмот на набљудување“ оди еден чекор понапред. Компаниите како Facebook и Google ви нудат услуги во замена за вашите податоци. Набљудувањето на Google не е вест во медиумите, но е вознемирувачки интимно.  Ние како луѓе не ги лажеме нашите интернет пребарувачи. Нашите интереси и љубопитност, нашите надежи и стравувања, желби и сексуални склоности, сето тоа е собрано и зачувано. Тоа додадете го на веб-страниците што ги посетувате, што Google го следи преку рекламната мрежа, нашите профили на Gmail, нашите движења преку Google Maps, како и сѐ што може да собере од нашите смартфони.

Смартфонот знае сѐ

Смартфонот е најверојатно најинтимниот уред за набљудување измислен досега. Постојано ја следи нашата локација, знае каде живееме, каде работиме, каде го поминуваме слободното време. Тоа е првото и последното нешто во кое погледнуваме секој ден, па така знае кога си легнуваме и кога се будиме. Сите имаме смартфони, па тие знаат и со кого спиеме. Uber искористи само дел од тие информации за да открие секс средби за една вечер, а вашиот смартфон провајдер и која било апликација на која ѝ дозволувате да собира информации знае многу повеќе за вас.

„Капитализмот на набљудување“ влече многу од интернетот. Стои зад повеќето „бесплатни“ услуги и голем дел и од оние што се плаќаат. Целта му е психолошка манипулација во форма на персонализиран маркетинг за да ве убеди да купите нешто или да направите нешто, како на пример да гласате за одреден кандидат.

Така, иако индивидуалната манипулација изведена од профили што ја направи Cambridge Analytica ни се чини одвратна, реално не се разликува многу од она што секоја компанија го сака на крај.

Токму затоа се прибираат сите ваши лични податоци и токму затоа се толку вредни. Компаниите кои знаат да ги разберат, може да ги искористат против вас.

Ништо од ова не е нешто ново. Медиумите со години информираат за капитализмот на набљудување.

Капитализмот на набљудување е длабоко вкоренет во нашето општество што станува сѐ покомпјутеризирано, вели Брус Шнејер, автор на книгата „Data and Goliath: The Hidden Battles to Collect Your Data and Control Your World“, во неговата колумна за CNN.

„Ако заземе поголеми размери што ќе дојдат на виделина, тогаш ќе има поголеми барања за ограничувања и регулативи. Но, со оглед на тоа дека оваа индустрија може да функционира во тајност, работите се откриваат одвреме-навреме, откако ќе биде хакиран ситемот или ќе ‘протече’ некој извештај, па ние главно остануваме неуки и неинформирани за тоа до каде може да ги засегне нашите животи“, вели тој.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.