x

Нема чипови, можно е да поскапат уредите што ги користиме секој ден

Категорија: Новости // Бизнис Објавено на 01 Јуни, 2021 од GSM.mk

Проблемите со недостатокот на чипови кои влијаат на голем број индустрии - од компјутерската до автомобилската - сигурно ќе продолжат уште некое време, а една од последиците од недостигот може да биде поскапувањето на некои уреди.

Зголемувања на цените веќе најавија производителите на чипови, а најголемиот, TSMC, на крајот на минатата година објави пораст на цените на некои компоненти и укинување на попустот што им го дава на партнерите, а медиумите сега најавуваат нови поскапувања.

Дел од производителите на чипови и компоненти, поради зголемените трошоци за суровини и производство, ги зголемија цените на своите производи за меѓу 10 и 30 проценти од почетокот на минатиот месец. Иако во овој случај не се споменува најголемиот производител на чипови TSMC (кој ги коригираше цените уште порано), на списокот со повеќе од 30 компании кои веќе ги зголемија цените, се вклучени некои познати имиња на оваа индустрија како што се UMC, SMIC и PSMC. Зголемувањето на цените може да има негативно влијание врз малите и средни компании, а некои од нив дури можат да банкротираат доколку состојбата не се подобри во наредните месеци.

Исто така, медиумите споменуваат дека, поради големата побарувачка, производителите ќе ги зголемат цените и DRAM меморијата во третиот квартал. Она што можеме да го очекуваме по информацијата за зголемување на цените на чиповите е, секако, зголемувањето на цените на технолошките уреди што ги користиме секој ден.


Извор: Кајгана.мк

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.