x

Новиот проект на Елон Маск ќе го поврзе човечкиот мозок со компјутер

Категорија: Занимливости Објавено на 12 Јули, 2019 од GSM.mk

Како еден од најголемите иноватори на денешницата, од Елон Маск се очекува да нѐ импресионира со секоја негова нова изјава и најава за нов проект.

Neuralink е технологија, односно хардвер кој претставува машина за подобрување на човечкиот мозок преку поврзување на мозокот со компјутер.

Ваквата технологија беше најавена уште во 2016 година, но ниту тогаш, а ни сега не добивме многу детали околу начинот на кој таа функционира. Вчера Маск потвди дека таа доаѓа наскоро. Она што го знаеме е дека Neuralink ќе работи како „мрежа на ултрависока фреквенција“ која ќе го поврзува човечкиот мозок со компјутер, со цел да ги подобри неговите функции.


Елон Маск неколкупати досега посочи дека брзиот раст и развој на вештачката интелигенција може да претставува егзистенцијален ризик за човештвото. Ваквиот интерфејс, како оној на Neuralink, е неопходен доколку луѓето сакаат да се натпреваруваат со технологијата во иднина.

„Не ми се допаѓа идејата да бидам домашен миленик на некоја развиена, напредна вештачка интелигенција, но што е решението? Мислам дека едно од решенијата е да се стави слој од технологија помеѓу човекот и вештачката интелигенција“, рече Маск во 2016 година кога беше запрашан дали се плаши од потенцијалот на вештачката интелигенција.

И покрај тврдењата на Маск дека Neuralink само ќе го збогати и подобри човечкиот мозок, медицинските експерти тврдат дека оваа технологија носи многу потенцијални проблеми за човекот, кој ризикува контролата на неговиот мозок да биде „киднапирана“ од непозната вештачка интелигенција.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.