x

OnePlus 10 Pro не го издржа тестот за издржливост на јутјуберот JerryRigEverything

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 23 Февруари, 2022 од GSM.mk

OnePlus 10 Pro треба да биде олицетворение на сето најдобро во понудата на OnePlus, но се покажа дека тоа не е така.

Во познатиот тест на популарниот јутјубер JerryRigEverything OnePlus 10 Pro прилично лесно се преполови, а потоа беше откриена причината и зошто тоа се случи.

Виткајќи го телефонот од страната на екранот нагоре, OnePlus 10 Pro веќе почна да крцка, а задното стакло се скрши на неколку места, оставајќи јасно видливи оштетувања на куќиштето.

Притисокот од спротивната страна беше фатален и тоа, би рекле, без преголем притисок - телефонот едноставно се скрши на два дела (JerryRigEverything иронично вели дека не е во ред, бидејќи ова, сепак, не е телефон со флексибилен екран).

Иако овој тест не е научно потврден, се разбира, ниту е официјално авторитетен за некоја компанија, сепак толку пати им покажа на луѓето да внимаваат на чувствителните телефони. Едноставно, телефоните ги носиме насекаде со нас и се случува во некои моменти да им посветиме помалку внимание - токму тие моменти можат да бидат и последни кога сме го виделе или го држеле нашиот телефон во еден дел.


Носењето телефон во предниот или задниот џеб, па седењето без да го извадите телефонот или случајно да седнете на телефон со екранот свртен надолу (а колку пати ви се случило тоа, нели?!) може да биде пресудно за OnePlus 10 Pro. А, тоа е многу реално сценарио кое го посочи и Џери.

Проблемот со овој модел е што металната рамка од страните е исклучително кревка и исклучително тенка. Лошо поставеното копче Volume што ја прави и онака тенката рамка уште потенка и практично ја прекинува на површината од 1 сантиметар, каде телефонот е подложен на притисок, ѝ кумува на слабата издржливост. Поради големата батерија, OnePlus очигледно морал да ја жртвува конструкцијата на самиот уред, како и неговата отпорност на надворешни притисоци, што доведе до ваков резултат.

Доколку планирате да купите OnePlus 10 Pro, или купете добра заштитна маска или едноставно вадете го од џебовите навреме и не оставајте го на места каде што некој или вие би можеле да го наседнете.


Извор: Кајгана.мк


Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.