x

Паметна маска на иднината: Штити 95 проценти од вируси и бактерии

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 16 Јануари, 2021 од GSM.mk

Маската запира 95 проценти од бактериите и вирусите, овозможува непречен проток на воздух и нормален говор.

Технолошките компании одлучија да се справат со пандемијата на COVID-19 на свој начин - претставија цела низа уреди кои треба да ги штитат корисниците од вируси и бактерии (вклучително и коронавирусот), а во исто време да им го олеснат животот и работата во „новото нормално“.

Добро познатиот производител на гејмерски лаптопи, монитори и периферен гејмерски хардвер, Razer, на годинашното виртуелно издание на саемот CES претстави и производ кој нема многу врска со видеоигрите. Razer претстави прототип на заштитна маска наречена Project Hazel, која исто така користи некои од технолошките решенија што се користат во гејмерскиот хардвер, како што се системи за проток на воздух и ладење на компонентите.

Project Hazel е во основа „професионална“ заштитна медицинска маска N-95 и се одликува со одвоив вентилатор на полнење што го контролира протокот на воздух, додека истовремено филтрира 95% од бактериите, вирусите и опасните цврсти материи.

Прототипот доаѓа во кутија со безжично полнење што содржи и систем за дезинфекција со УВ зраци, што значи дека маската ќе се стерилизира сама при полнење.

При развивањето на маската, Razer исто така се погрижи гласот на носителот да не биде „изобличен“ како во случајот со сите други маски, па затоа ја вгради својата патентирана технологија VoiceAmp, која користи вграден микрофон и засилувач за да го засили и прочисти говорот на корисникот за јасна комуникација.

Во дизајнот, Razer се погрижи маската да биде транспарентна, за да ја подобри социјалната интеракција помеѓу луѓето кои сакаат да ги „читаат“ изразите на лицето на соговорникот, како што можете да видите на ова видео.


Понатаму, маската е изработена од водоотпорен материјал отпорен на гребење, обложен со силикон и има прилагодливи наушници за да се обезбеди дека маската добро ќе се припие и има вградено прилагодливо внатрешно RGB осветлување, така што соговорниците можат да го видат лицето на носителот во сите светлосни услови. За да се задржи стилот на Razer, корисниците можат да изберат светлосни шеми од 16,8 милиони бои за да ја прилагодат светлината според нивниот вкус.

Razer вели дека маската е подготвена за сериско производство и лансирање на пазарот, но засега нејзината судбина е неизвесна бидејќи многу ќе зависи од состојбата со пандемијата.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.