x

Пет нови работи на iOS 12 кои не можевте да ги направите претходно

Категорија: Софтвер // iOS Објавено на 26 Септември, 2018 од GSM.mk

Конечно, официјално излезе новата верзија на iOS, кој беше претставен во јуни оваа година. Новиот iOS 12 носи голем број новитети кои би требало да го направат животот на корисникот на iPhone уште подобар.

Некои од нив се фокусирани на корисни работи, додека некои се тука за да го разубават изгледот и искуството кое го носи телефонот, но во секој случај новитетите кои ги носи iOS 12 се тука и се забележителни.

Memoji

Со новата алатка на iOS 12 можете да си креирате лично ваше Memoji. Всушност, се работи за додаток на Animoji опцијата со кој можете да креирате емотикони со вашиот лик. Кога ќе влезете во апликацијата Messages, притиснете на опцијата Animoji и потоа на копчето Plus за да започнете со креација на вашиот Memoji лик.

Лозинки кои се повторуваат

Додека опцијата за Memoji беше само забавна, оваа е прилично корисна. Имено, iOS 12 ќе ве предупредува за јачината на вашата лозинка, ќе ви препорачува замена на лозинката и ќе ве потсети доколку истата лозинка ја повторувате повеќепати на различни логирања. За да пристапите до оваа опција одете во Passwords & Accounts, па потоа во Website & App Passwords за да ја испробате самите.

Брзо „чистење“ на нотификациите

Конечно Apple понуди групирање на нотификациите, што ќе резултира во побрзо „чистење“ на истите од почетниот екран. Досега тие се сместуваа една над друга додека не го исполнат целиот екран и немаше опција за да се избришат сите одеднаш, но со новата верзија на оперативниот систем тоа е минато. Сега нотификациите се групираат една зад друга на почетниот екран а опцијата Clear All ќе ги „исчисти“ сите одеднаш.

Сервис за дигитално здравје

Дел од новите опции на iOS 12 се фокусирани токму на корисничкото здравје. Со опцијата Screen Time можете да се информирате кои апликации најмногу ги користите, колку често го отклучувате телефонот и ќе ви овозможи ставање ограничување за користење на одредени апликации. Ова е сериозен чекор напред во борбата против зависноста од смартфони, и тоа на начин на кој самиот смартфон ќе ви помогне во тоа.

Подобрена виртуелна реалност

Со новите опции за виртуелна реалност, iOS 12 ви овозможува да мерите предмети во виртуелна реалност, што може да се покаже како многу корисна алатка. Како дел од новите опции е можноста за споделување на виртуелната реалност помеѓу повеќе корисници, со цел да се презентираат проекти и покажуваат содржини во простор.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.