x

Покрај пандемијата, нов проблем: Нема чипови за лаптопи и смартфони

Категорија: Технологија // Хардвер Објавено на 23 Декември, 2020 од GSM.mk

Производителите на автомобили и електронски уреди, од телевизори до смартфони, предупредуваат на глобален недостиг на чипови што предизвикува одложувања во производството, и тоа во исто време кога потрошувачката се опоравува од корона-кризата.

Има повеќе причини за проблемот, велат извршните директори во индустријата и аналитичарите, како што беше пожарот во јапонска фабрика за чипови, затворањето на погони за да се спречи ширење пандемијата во Југоисточна Азија, како и штрајкот во Франција.

Друга краткорочна причина за недостатокот на чипови беше трупањето залихи на телекомуникацискиот гигант Huawei, пред стапувањето во сила на санкциите на САД кон неговите добавувачи во средината на септември.

Но, најголемиот проблем е недоволната инвестиција во фабрики за 8-инчни чипови, главно во сопственост на азиски компании, кои не го следеа растот на побарувачката за 5G телефони, лаптопи и автомобили, што беше побрз од очекуваното.

„Имаме недостиг на компоненти за целата електронска индустрија“, вели Дони Џанг, извршен директор на кинеската компанија „Sand and Wave“, кој посочи на проблем со набавката на микроконтролер, кој е клучен за производството на паметни слушалки на кои работат во моментов. „Првично, планиравме да го завршиме производството за еден месец, но сега веројатно ќе ни требаат два месеци“, истакна тој.

Еден јапонски снабдувач на електронски компоненти тврди дека нема WiFi и Bluetooth чипови и очекува доцнења подолги од 10 недели.

Кинеската автомобилска индустрија проценува дека производството на некои кинески производители ќе биде погодено во првиот квартал од следната година поради недостаток на чипови.

Побарувачката на кинеските потрошувачи, особено за автомобили, неочекувано брзо се опорави од корона-кризата. Во исто време, и порачките за производи како што се лаптопите и мобилните телефони се зголемија во региони во светот кои сè уште се борат со сузбивање на пандемијата, како што се Европа и САД.

Растечката побарувачка го зголемува притисокот врз производителите на чипови од 8 инчи. Тајванската фабрика за чипови TSMC е најголемиот светски производител на чипови, а по неа следи Samsung, па SMIC, GlobalFoundries и UMC.

„Се чини дека проблемот е главно во фабриките за чипови“, посочува извор од европската индустрија за полупроводници, додавајќи дека особено под притисок се TSMC и GlobalFoundries.

TSMC, кој ги снабдува Apple и Qualcomm, одби да даде коментар, но нејзиниот лидер оваа недела рече дека капацитетите на компанијата се „на работ“.

Во меѓувреме, GlobalFoundries вели дека инвестира во „градење на капацитети за задоволување на невидената побарувачка“. Компанијата планира двојно да ги зголеми капиталните инвестиции во 2021 година за да го зголеми производството.

Јужнокорејската компанија Hitek, која го снабдува Apple со чипови за таблети, вели дека нивните капацитети за производство на чипови од 8 инчи ќе работат со полн капацитет најмалку во следните шест месеци и очекуваат снабдувањето да биде недоволно до втората половина на следната година.


Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.