x

Познато од кој датум ќе мора сите преносни уреди да се префрлат на ист полнач

Категорија: Занимливости Објавено на 13 Декември, 2022 од GSM.mk

Стапи на сила нов закон со кој се бара од сите производители на преносни уреди да користат USB-C.

Почнувајќи од 28 декември 2024 година, сите телефони, таблети, камери, слушалки, рачни конзоли, преносни звучници, е-читачи, тастатури, глувци и преносни системи за навигација што се продаваат во ЕУ ќе мора да имаат приклучок за полнење USB-C. Ако полнењето е поголемо од 15 W, тогаш е неопходно да се вклучи и поддршката за USB Power Delivery.

Ова очигледно ќе влијае на Apple, но и други производители кои ќе мора да го почитуваат стандардот USB PD доколку нивните уреди поддржуваат полнење повисоко од 15 W.

Дополнително, оваа директива го опфаќа само полнењето со кабел, па Apple би можел да одлучи едноставно да го отстрани тој тип на полнење од своите телефони и да се потпира исклучиво на безжично полнење. Тоа не би ги прекршило овие прописи, а е потег за кој досега многупати се зборуваше.

Сепак, иако Apple го критикуваше овој закон, тврдејќи дека ги спречува иновациите, технолошкиот гигант од Купертино не успеа да внесе новитети на ова поле. Телефоните iPhone, кои користат Lightning приклучок, сè уште го користат стандардот USB 2.0, кој е инфериорен во однос на новите решенија, а нивниот безжичен полнач, кој требаше да полни повеќе уреди одеднаш - без разлика на положбата - никогаш не заживеа.

Исто така, не треба да заборавиме дека Apple веќе го донесе USB-C на своите компјутери и iPad таблети, па затоа е многу тешко да се предвиди дали оваа компанија ќе ја „измами“ ЕУ или ќе ја почитува директивата.

Уредите кои извесно време ќе бидат изземени од овие одредби се лаптопите. Сепак, од 28 април 2026 година, истите одредби за користење на USB-C ќе важат и за преносните компјутери.




Извор: Кајгана.мк

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.