x

Реорганизација во Facebook, што се случува со Закерберг?

Категорија: Занимливости Објавено на 10 Мај, 2018 од GSM.mk

Извршниот директор на најпознатата социјална мрежа на светот, Марк Закербег, ги задржа своите овластувања во оваа компанија која се бори да го поправи имиџот после скандалот со злоупотреба на личните податоци на корисниците..

Портпаролот на компанијата потврди дека вчера дошло до реорганизација, која е најзначајна уште од основањето на Facebook пред 15 години.

Сепак, Закерберг и неговата најблиска соработничка Шерил Сандберг не се изложени на никакви промени.

Човекот кој е многу близок до Закерберг, Крис Кокс, во иднина ќе биде задолжен за Facebook, Instagram, WhatsApp и Messenger.

До промени дојде и во тимовите за производи и технологија, односно создадени се три тима од кои еден ќе биде посветен за blockchain технологијата, применета на криптовалутите, а ќе ја води досегашниот шеф на Messenger, Дејвид Маркус.

Хавиер Оливан, уште еден висок функционер во компанијата, ќе го предводи одделот за безбедност и рекламирање на бројни производи.

Сајтот „Recode“ пренесува дека иако на повеќе од 10 луѓе им се доделени нови функции, се чини дека никој нема да ја напушти компанијата.

До промени доаѓа непосредно откако основачот на WhatsApp, Јан Коум, кој во 2014 година ја продаде оваа апликација на Facebook за 19 милијарди долари, објави дека заминува од компанијата, поради, како што тврдат американските медиуми, несогласувањата во врска со приватните податоци на корисниците.

Имиџот на Facebook е сериозно нарушен, откако во март беше откриен скандалот со компанијата Cambridge Analytica, поврзан со претседателската кампања на Доналд Трамп, која на незаконски начин дошла до личните податоци на неколку милиони корисници на оваа социјална мрежа.

Закерберг повеќе пати јавно се извини, дури и пред конгресот на САД, каде од него беше побарано да открие се за лажните вести и другите начини за политичка манипулација на Facebook.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.