x

Samsung Nexus 10

Категорија: Рецензии // Таблети Објавено на 18 Ноември, 2012 од Христијан Илиески

Кога зборуваме за Android таблет, сите знаеме дека најдоброто нешто во оваа област се Nexus таблетите. Во следнава статија ќе ги разгледаме предностите и недостатоците на Nexus 10 таблетот на Google

Екранот е навистина зачудувачки, но како ќе се покажат останатите компоненти на Nexus таблетот? Дали навистина вреди да го купиме, или Nexus 7 таблетот уште ќе стои на врвот?

Перформансите на таблетот се навистина одлични и Android оперативниот систем би требало без никакви проблеми мазно работи на него. Во секој поглед, Nexus 10 таблетот може навистина да се пофали со одличниот хардвер.


Хардвер


Навистина ќе препознаете дека држите Samsung таблет во рацете кога ќе го фатите Nexus 10. Неможеме тоа да го наречеме добра или лоша страна на таблетот, но сепак го добивате истото чувство како со Samsung Galaxy Tab. Таблетот е многу лесен и тенок и го дели истиот дизајн со Galaxy Tab, со звучниците на двете страни. Уредот е направен од пластика со висок квалитет која овозможува истиот да тежи само 603 грама. Воопшто не делува евтино, иако во изработката нема алуминиум како на пример на Asus таблетот.

За изгледот на таблетот даваме чиста десетка. Звучниците и контролните копчиња безпрекорно се совпаѓаат со дизајнот и текстурите на таблетот. Друга одлична предност е можноста за вадење на задниот капак. Покрај копчињата, на страната имаме и стандарден microUSB конектор за полнење и трансфер на податоци. На долната страна на таблетот има магнетни пинови за некои додатоци и футроли.

Звучниците се одлични и од нив произлегува зачудувачки добар звук, со оглед на тоа на кое сме ние навикнати досега. Таблетот има два звучника, по еден од двете страни.

Nexus 10 го има еден од најдобрите ARM процесори кои се достапни во моментов. Работи на 1.7 GHz со 1MB L2 кеш меморија. Исто така добивате USB 3.0 поддршка и HDMI 1.4 излез. Сето ова комбинирано со најдобрата графичка достапна на пазарот дава неверојатни резултати.


Дисплеј


Како што и претходно кажавме, таблетот несомнено може да се пофали со одличниот дисплеј кој има 2560 х 1600 пиксели резолуција, односно 300 пиксели во еден инч. Има неверојатно живи и реални бои, а PLS технологијата го прави текстот кристално чист и бистар. Nexus 10 таблетот има екран со иста резолуција како и ретина дисплејот на 13 инчен MacBook Pro, но има поголема густина на пиксели.

Се разбира, ништо не е совршено, па така и овој таблет. Екранот е одличен во секој поглед, но за таков квалитет потребно е појака графичка, а воедно и повеќе струја за неа и екранот. Со тоа се намалува времетраењето на батеријата.


Софтвер


Таблетот работи на Android 4.2, најновата верзија на овој оперативен систем која дозволува да креирате повеќе кориснички акаунти на таблетот. Бидејќи таблетот е Nexus, односно е создаден од Google, се разбира дека постојано ќе ја има  најновата верзија на Android. Значи во поглед на  поддршката нема место за грижа.

Во најновиот апдејт за Android оперативниот ситем има неколку новитети. Да ги погледнеме на кратко.


Quick settings


Ова за сите љубители на „кратенките“, сите опции како оние за WiFi, Bluetooth, осветлување на екран и други, ќе ни бидат достапни на почетниот екран. Потребно е само да повлечеме со прст на десниот агол на екранот, и да избереме што ни е потребно. Оваа опција заштедува доста време.


Поддршка на апликации


Досега со Android таблетие често се јавуваше проблем со неприспособени апликации за таблет. Голем број на апликации направени за телефон не работеа на таблетите. Епа конечно може да заборавиме на ваквиот проблем бидејќи сега секоја апликација од Google Play ќе работи и на новиот Nexus 10.


Камера


Нексус таблето има две камери, предна и задна. Напред имаме камера со 1,9 MP која вади фотографии со не некој којзнае каков квалитет, но сепак може да заврши работа и да извади задоволувачка слика. Може да го споредиме со камерите кои најчесто се вградуваат во лаптоп.

Втората, односно задната камера има 5  MP и вади одлични фотографии, но сепак неможе да се направи како некоја спецификација која ќе го величи таблетот. Вади нормално убави фотографии.

Се на се, да го извадиме заклучокот за Nexus 10 таблетот.


Предности


Таблетот во моментов го има најдобриот хардвер во неговата област. Екранот со неверојатната 2560 х 1600 резолуција не е само за фалење на хартија, туку навистина дава кристално јасна слика. За процесорот исто така имаме само пофални зборови. Се на се, во однос на хардверот, Nexus 10 нема конкуренција.


Недостатоци


Сепак, овој неверојатно добар дисплеј носи и недостатоци. Иако таблетот има одлични перформанси, екранот доволно многу ги исцрпува, па така поените на тестовите се пониски. Не е некој голем недостаток и проблем, но сепак ја намалува моќноста на таблетот.


Заклучок


Nexus 10 е убедливо најдобриот Android таблет, со доста пристапни цени. Доколку сакате да купите Android таблет, со сигурност ова е вистинскиот избор за Вас.

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.