x

Samsung работи на два нови смартфони со свитлив екран

Категорија: Новости // Телефони Објавено на 16 Март, 2019 од GSM.mk

Откако неодамна го претстави моделот Galaxy Fold, кој наиде на многу позитивни критики, Samsung работи на уште два смартфони со свитлив екран кои би требало да се разликуваат од оригиналниот.

За разлика од Galaxy Fold, чија конструкција личи на мини лаптоп, еден од следните свитливи телефони на Samsung ќе изгледа како школка, односно како некогаш популарните телефони на преклоп и ќе има помал надворешен и голем внатрешен екран.

Дизајнерското решение кај другиот модел би требало да биде слично како она кај Huawei Mate X, односно уредот да има екран кој од надворешната страна се „замотува“ околу него.

Според Bloomberg, првиот уред би требало да се појават на пазарот веќе од втората половина на 2019 година или најдоцна во 2020 година. Моделот со екран кој се „замотува“ околу телефонот би требало да се појави набрзо по првиот.

Во меѓувреме, Samsung работи на унапредување на моделот Galaxy Fold, кој на пазарот би требало да се појави наредниот месец и ќе чини 1.980 долари. Проблемот на Fold е во екранот, на кој се појавува набор откако телефонот ќе биде превиткан околу 10.000 пати.

Bloomberg информира дека поради овој проблем, Samsung размислува на опцијата за бесплатна замена на екранот кај сите купувачи, додека не се реши оваа слабост на телефонот.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.