x

Што навистина нуди новиот iPhone Xs Max за 1099 долари?

Категорија: Занимливости Објавено на 14 Септември, 2018 од GSM.mk

Apple синоќа ја претстави новата генерација на смартфони, меѓу кои беше и iPhone Xs Max – најголемиот iPhone досега произведен. Но, цената сугерира дека разликата помеѓу нив и старите модели и новите модели не е само во големината.

За разлика од минатите години кога беа претставувани моделите со ознака „S“, овогодинешните модели примарно се разликуваат со драстичната надоградба на спецификациите.

Новите iPhone Xs и Xs Max добија дисплеј со поголем динамичен распон, поширок опсег на стерео звукот на звучниците и побрза идентификација со FaceID. Двата модели се водоотпорни и имаат современ процесор, а Тим Кук ги нарече „далеку најнапредните модели на iPhone некогаш направени“. Новите екрани имаат поддршка за HDR10 и Dolby Vision, 120Hz touch-sensing, 3D Touch и поддршка за поширок распон за бои.

Од Apple истакнаа дека новите камери се подобрени и имаат побрзи сензори, иако на хартија камерите се исти како и оние на минатогодишните модели. Моделот iPhone Xs Max ги задржа двете камери на задниот дел, додека моделот Xs има само една камера која Apple тврди дека е подеднакво моќна како онаа со две леќи. И двата модели имаат една селфи камера од 7 MP, која е побрза од онаа на минатогодишните модели поради новите сензори. Кога се работи за фотографирање, од Apple тврдат дека постои значајно подобрување поради новиот метод наречен Smart HDR, кој креира повеќе фотографии и ги спојува заедно во една конечна и поквалитетна фотографија.

Apple додаде уште една функција, која досега беше типична само за моделите на Android. Dual SIM опцијата конечно пристигна кај моделите на iPhone, a Apple интегрираше и e-SIM поддршка за сите корисници.

Двата модели доаѓаат со подобрен капацитет на батеријата, со кој Xs добива дополнителни 30 минути користење, додека Xs Max добива дополнителен час и половина.

iPhone Xs и Xs Max ќе бидат достапни во три верзии: со 64GB, 256GB и 512GB внатрешна меморија, од кои верзијата со 512GB е новитет кај моделите на Apple. Основните верзии на двата модели ќе се продаваат по почетна цена од 999 евра (iPhone Xs) односно 1099 евра (iPhone Xs Max).

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.