x

Светски познат хакер ќе биде шеф на безбедноста на Twitter

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 20 Ноември, 2020 од GSM.mk

Ако не можеш да ги победиш, придружи им се?

Социјалната мрежа Twiiter, откако се најде изложена на сериозни безбедносни закани, ангажираше еден од најпознатите светски хакери за да ги реши проблемите што варираат од инженерски грешки до ширење дезинформации.

Компанијата зад социјалната мрежа вчера го назначи Пиетер Затко, познат по хакерското име Маџ (Mudge), на позицијата шеф на безбедноста и му даде широки овластувања да препорача промени во структурата и практиките. Затко ќе поднесува извештај до извршниот директор на Twitter, Џек Дорси и се очекува да го преземе управувањето по анализата што ќе трае од 45 до 60 дена.

Во ексклузивно интервју, Затко најави дека ќе ги испита „информатичката безбедност, интегритетот на страниците на мрежата, физичката безбедност, интегритетот на платформата – што почнува да влијае на злоупотребата и манипулацијата со платформата -  и инженерскиот дел“.

Живописната биографија на Затко почнува во 90-тите години на минатиот век кога тој истовремено водеше доверлив бизнис за деловна компанија што има договор со Владата на САД и беше водач на хакерската група Cult of the Dead Cow, позната по тоа дека објави алатки за хакирање на Windows, за да го натераат Microsoft да ја подобри безбедноста.

Во текот на својата кариера, Затко, меѓу другото, работеше на специјални проекти на Google и ја надгледуваше распределбата на проектите за интернет-безбедност во Агенцијата за напредни истражувања и проекти на Пентагон (DARPA).

„Не знам дали некој може да ја поправи безбедноста на Twitter, но тој би бил на врвот на мојата листа“, рече Дан Кауфман, кој беше супервизор на Затко во DARPA и сега раководи со одделот за напредни производи на Google.

Twitter се соочува со низа безбедносни предизвици. Пред една година, американската влада обвини двајца информатичари дека шпионирале за Саудиска Арабија додека работеле за Twitter и испраќале приватни информации за критичарите на таа земја.

Во јули, група млади хакери ги измами вработените во компанијата и доби пристап до внатрешни алатки што ѝ овозможи да ги смени поставките за профилите на тогашниот претседателски кандидат Џо Бајден, основачот на Microsoft Бил Гејтс и лидерот на Tesla, Илон Маск.

Затко исто така рече дека сака да ја подобри јавната комуникација на Twitter. Тој ги пофали неодамнешните потези на компанијата да ги натера корисниците да коментираат наместо едноставно да „ретвитаат“. Следниот чекор ќе биде да се натераат луѓето да го разберат разговорот пред да се вклучат во него, рече тој.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.