x

Светско фудбалско првенство за роботи

Категорија: Забава Објавено на 14 Јули, 2018 од GSM.mk

Паралелно со одржувањето на Светското првенство во Русија, во Монтреал се одржува и последното издание на RoboCup – Светско првенство во фудбал за роботи.

Роботите се очајно лоши во фудбал. Тие не знаат да дриблаат како Меси, не можат да трчаат брзо како Роналдо и не скокаат високо како Серхио Рамос. Баш напротив, многу често откако ќе ја шутнат топката паѓаат на земја како покосени. Но тоа не ги спречува нивните креатори да продолжат да ги прават понапредни и секоја година да се враќаат во Монтреал на ново одмерување на силите помеѓу националните селекции.

На RoboCup натпреварувањето учествуваат 35 земји, 5.000 роботи и 4.000 луѓе кои се одговорни за нив. Некои од роботите личат на некоја детска играчка, додека други потсетуваат на Терминатор без кожа и со темно-црвени очи. Ова е веќе 22-ро издание на RoboCup и тоа започна да се одржува во 1996 година.


„Луѓето ќе речат ‘биди доктор или адвокат – работи нешто вистинско’. Сега, сите знаат дека роботите се нашата иднина и дека ние ќе заработиме многу повеќе пари од докторите и адвокатите“, рече претседателот на RoboCup федерацијата, Даниел Полани, кој е професор по вештачка интелигенција на Универзитетот од Херфордшир.

Во последните неколку години, RoboCup натпреварувањето се прошири во неколку категории кои имаат директна врска со намената на роботите во вистинскиот живот. Така на пример, сега постои логистичка лига, лига за домашни роботи и лига за роботи за работа.


Помеѓу победниците во овогодинешниот турнир се најде екипата на Robot Soccer Ichiro од Институтот за технологија од Сурабаја. Тие освоија најмногу медали и се истакнаа како победници во повеќе категории, како RoboCup фудбал, Најдобар хуманоиден робофудбал и слично.

Со напредокот на технологијата, роботите стануваат многу слични на луѓето и почнуваат да ги совладуваат дури и потешките задачи кои ги правиме ние. И додека тие се и понатаму многу лоши во фудбал, тоа не значи дека роботите не учат ништо со тоа што „спортуваат“. Преку машинско учење, тие веќе разбираат како треба да се движат во простор и што треба да направат кога топката ќе дојде кај нив, па затоа е само прашање на време кога ќе го совладаат овој спорт.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.