x

Вештачката интелигенција носи низа предности, но и едно црно сценарио

Категорија: Занимливости Објавено на 05 Февруари, 2019 од GSM.mk

Повеќе не можеме да го замислиме секојдневието без интернет, компјутери и смартфони, а полека во нашите животи влегува и вештачката интелигенција која е од голема корист, сѐ додека не ја испуштиме од раце.

Можеби не ја забележувате, но вештачката интелигенција е насекаде околу вас и го прави вашиот живот подобар. Но, како ќе изгледа животот во иднина? И дали постои можност за лошо сценарио?

Компјутерите многу набрзо ќе станат подеднакво интелигентни како и луѓето и скоро подеднакво способни за извршување секојдневни обврски. Експертите предвидуваат дека вештачката интелигенција ќе се поврзува во мрежа која ќе ја подобри ефективноста на луѓето, но ќе претставува и потенцијална закана за човечката автономија и способности.

Способноста на компјутерите во иднина ќе се користи за донесување комплексни одлуки, учење, софистицирана аналитика и препознавање на примери, гласови и јазици. Вештачката интелигенција ќе може да преземе значаен дел од одлуките и обврските на луѓето, така што нејзината интелектуална вредност ќе биде од огромно значење за нашето постоење.

Предностите се супер, но постои и црно сценарио

И покрај оптимистичките најави и очекувања, поголемиот дел од експертите не се сигурни околу тоа како вештачката интелигенција ќе влијае на луѓето и нивниот живот. Најмногу од сите работи ги загрижува потенцијалниот недостаток од контрола над животот кај луѓето. Тие сметаат дека вештачката интелигенција ќе ги преземе нашите животи и дека луѓето поради тоа ќе ја жртвуваат нивната независност, приватност и можност за избор, поради тоа што сите работи ќе се одвиваат автоматизирано.

Уште поголемиот страв лежи во нивото на информации кои вештачката интелигенција ќе ги користи со цел да се развие до напреден степен. Оној кој ги контролира информациите и податоците – тој ќе ја контролира и вештачката интелигенција, а тоа може да доведе до неовластено користење на информации во неправилни цели.

Последната точка од црното сценарио се однесува на способностите и работните места. Поради преголемо ослонување на вештачката интелигенција, луѓето можат да изгубат дел од способностите, како што се возење автомобил и готвење, па поради тоа да станат помалку способни за опстојување во светот. Исто така, бројот на работни места во постоечките професии скоро сигурно ќе се намали, па тоа може да резултира во помали средства со кои располагаат луѓето. Намалените средства ќе го отежнат држењето на чекор со времето, бидејќи технологијата ќе биде неопходна за живеење, а таа ќе чини пари.

Секако, црното сценарио е само предупредување и не значи дека тоа со сигурност ќе се случи. Научниците мораат да бидат внимателни и да го избегнат тоа, доколку сакаат да го зачуваат редот во светот.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.