x

Закерберг им се извини на Британците за прекршената доверба

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 27 Март, 2018 од GSM.mk

Извршниот директор на Facebook, Марк Закерберг, денеска им се извини на Британците поради „прекршената доверба“, во врска со злоупотребата на личните податоци на околу 50 милиони корисници на социјалната мрежа од страна на компанијата Cambridge Analytica.

Во извинувањето објавено на цела страница во неколку британски весници, Закерберг наведува дека Facebook има одговорност да ги штити информациите на корисниците, а ако не може да го прави тоа, тогаш и не ја заслужува нивната доверба.

Тој тврди дека податоците на милиони корисници на Facebook во 2014 година протекле со помош на програма што ја изработил „еден уинверзитетски истражувач“.

„Тоа е прекршување на довербата и жал ние поради тоа што не сторивме нешто повеќе во тоа време“, наведува Закерберг во својата прва реакција по објавувањето на скандалот со Cambridge Analytica.

Закерберг во своето денешно извинување им се заблагодарува на корисниците што се уште веруваат во Facebook зaедницата и ветува дека ќе ја направи подобра.

Facebook се најде на удар на критики на јавноста откако беше објавено дека социјалната мрежа на компанијата Cambridge Analytica и доставила податоци на 50 милиони нејзини корисници, без нивно знаење и одобрение.

Еврокомесраката за правда, права на потрошувачите и родова еднаквост Вера Јоурова денеска во изјава за BBC побара од Facebook објаснување за злоупотребата на личните податоци на корисниците на оваа социјална мрежа.

„Тигарот излезе од кафезот. Ова претставува повик за бидење кога станува збор за кршење на правилата за заштита на податоците на Facebook“, изјави Јоурова, додавајќи дека скандалот би можел да ја промени опуштеноста на луѓето во САД во врска со прашањето на приватноста.

Јоурова нагласи дека ЕУ бара од Facebook да ги почитува европските закони и да стори многу повеќе кога е во прашање општествената одговорност и елиминирањето на говорот на омраза.

Таа најави дека утре ќе испрати официјално барање до Facebook за разјаснување на целиот случај и објаснување дали личните податоци на Европејците без нивно знаење биле неконтролирано прибирани преку социјалната мрежа.

Претходно, како што јави МИА, поранешниот менаџер на Facebook, Сенди Паракилас изјави дека социјалната мрежа крадела лични податоци на нејзините корисници дури и преку игрите, додавајќи дека профилите претсавуваат „стока која секојдневно се продава“.

Паракилас, кој во Facebook работел во 2011 и 2012 година како лице одговорно за почитување на правилата за заштита на податоците на корисниците, во изјава за Washington Post вели дека во тоа време не бил премногу загрижен за заштитата на податоците, но дека аферата со Cambridge Analytica го поттикнала да проговори за овој случај.

Според него, податоци за корисниците биле „крадени“ и преку големиот број популарни игри на Facebook, вклучувајќи ги и „Candy Crush“ и „Farmville“.

Паракилас вели дека секогаш кога еден корисник ќе прифати некоја апликација преку Facebook му се појавува „прозорец“ со кој се бара дозвола за пристап до неговите податоци. Станува збор за податоци кои се јавни на секој профил, како име и презиме, фотографии, лајкови и слично, но апликацијата добивала и пристап до информации кои корисникот ги чува како тајни.

„Во времето кога Cambridge Analytica прибираше податоци за корисниците, Facebook им дозволи на програмерите пристап и до податоци на пријателите на корисниците, дури и ако тие не ја инсталирале апликацијата, ниту пак и дозволиле да ги користи нивните податоци. Тоа на програмерите им овзоможи за кусо време да создадат огромни бази на податоци“, вели Паракилас, додавајќи дека објавувањето на аферата со Cambridge Analytica потврдува дека таа практика продолжила и по неговото напуштање на Facebook.

Според него, постои и опција да се забрани можноста апликацијата да има пристап до податоците на пријателите на корисниците, но таа се наоѓа „задскриена“ во поставките на Facebook и ја нема на сите јазици, па затоа само мал број корисници знаат за неа.

- Она што е најлошо е тоа што кога еднаш тие податоци од серверот на Facebook ќе преминат кај програмерите, Facebook веќе нема контрола врз нив, ниту знае за каква цел ќе бидат користени, додава Паракилас.

Тој за Washington Post наведува и еден случај од 2011 година, кога Facebook открил постоење на апликација наречена Clout, која на социјалната мрежа отворала профили чии сопственици се претставувале како деца. При тоа не станувало збор за вистински деца, туку за „профили духови“ создаден од самата апликација врз основа на податоците добиени од корисниците кои ја употребувале Clout.

„Моја задача беше да се јавам кај шефовите на Clout и да ги прашам дали со апликацијата кршат некои од правилата на Facebook, затоа што ниту можев да видам, ниту да знам што прават со тие податоци. Тие ме уверуваа дека не прекршиле ниту едно правило. Јас им повторив дека мора да се придржуваат до нашите правили и тоа беше крај на разговорот“, додава Паракилас.

Според него, Facebook не презел ништо во врска со ова прашање, ниту пак го спречил Clout да продолжи да прибира податоци на корисниците.

Паракилас додава дека можело лесно да се види дека Clout ги крши правилата за приватност, но дека постоеле и „уште пострашни работи“ со апликации кои не можеле лесно да се отркијат.

Тој смета дека Facebook никогаш јавно не проговорил за овие проблеми затоа што не сакал јавноста да дознае за „големата дупка“ и слабостите на системот задолжен за безбедноста на податоците.

„Во 2012 година изработив голема презентација за главниот менаџмет со која им укажав на сите недостатоци на системот. Им објаснив дека имаме многу пропусти во системот и дека корисниците се опасно изложени на надворешни влиајнија. Тој документ го исптарив до сите, но добив многу малку, речиси никакви, повратни одговори“, вели Паракилас за Washington Post.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.